Кон поамбициозни национални придонеси за климата

Кон поамбициозни национални придонеси за климата



Промените во контекстот, и на национално и на меѓународно ниво, одат во прилог не само на поамбициозни, туку и на добро информирани и сеопфатни ревидирани национални придонеси за климата. Ајде да видиме како.

Република Северна Македонија, како земја која не припаѓа во Анекс I на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (УНФЦЦЦ), го ратификуваше Парискиот договор во ноември 2017 година и ги предложи следните придонеси кон глобалните напори за намалување на емисиите на стакленички гасови (македонски НДЦ): „До 2030 година да ги намали емисиите на CO2 за 30%, односно за 36% при повисоко ниво на амбиција, во споредба со основното сценарио (сценарио во кое не би се вградиле мерки за намалување на емисии на стакленички гасови)“. Фокусот на македонскиот НДЦ е на ублажувањето на климатските промени, односно, на политики и мерки кои водат до намалување на емисиите на стакленички гасови, а особено на емисиите на CO2 од согорување на фосилните горива кои претставуваат речиси 80% од вкупните емисии на стакленички гасови во земјата. Најголемиот дел од емисиите се од следните сектори: снабдување со електрична енергија, згради и транспорт.


                                                                           Извор: www.klimatskipromeni.mk

Во меѓувреме се случија голем број на настани кои го менуваат контекстот и на национално и на меѓународно ниво, согласно кои ќе треба да се ревидираат македонските НДЦ. Да започнеме со случувањата на национално ниво.

До УНФЦЦЦ е доставен Вториот двогодишен извештај за климатски промени (СБУР) додека Третиот двогодишен извештај (ТБУР) е во завршна фаза на подготовка. Исто така, во декември 2019 година беше донесена Националната стратегија за развој на енергетиката до 2040 (Стратегија за енергетика), која што е првата стратегија на земја-членка на Енергетската заедница која се заснова на петте столба на Енергетската унија на ЕУ  - Безбедност, солидарност и доверба; Целосно интегриран внатрешен пазар за енергија; Енергетска ефикасност; Декарбонизирање на економијата; Истражување, иновација и конкурентност. Така, Стратегијата за енергетика прикажува три сценарија - референтно сценарио, сценарио со умерена транзиција и зелено сценарио кои се со различна динамика на транзиција и овозможуваат флексибилност во одговорот од земјата кон релевантните политики на ЕУ и целите за постигнување модерна, конкурентна и климатски-неутрална економија до 2050 година.

Сите овие документи се подготвени врз основа на сериозна аналитичка работа и консултации со релевантните министерства и другите релевантни чинители при идентификацијата и потврдата на можните политики и мерки за ублажување на климатските промени во целните сектори, приоретизацијата на идентификуваните политики и мерки и давањто насоки за развој на митигациски сценарија, како и идентификацијата и потврдата на претпоставките кои се користеа при моделирање на сценаријата. Поради тоа, може слободно да се заклучи дека аналитичкиот и институционален капацитет и процесот на консултации со чинителите што беа развиени дури и пред подготовката на македонскиот НДЦ, и кои се одржауваа и зајакнуваа при подготовката на СБУР, Стратегијата за енергетика и ТБУР, се силни почетни точки за идната ревизија на НДЦ.

Во однос на резултатите од овие документи, постојат четири нешта што вреди да се споменат.

  

Прво, во СБУР и ТБУР покрај политиките и мерките од секторот енергетика, во сценаријата се анализираат и се содржат и политики и мерки од секторите индустрија, земјоделство, шумарство и друга употреба на земјиштето и секторот отпад, кои исто така се целни сектори и за климатска акција. Применетиот интерсекторски и интрасекторски пристап при моделирањето на сценаријата обезбедува искористување на севкупниот потенцијал за ублажување во земјата. На тој начин, енергетиката и климата се доближуваат, со што се постигнуваат услови за интегрирано планирање за енергетика и клима, кое соодветно ќе се применува во Националниот план за енергетика и клима (НЕЦП) и при идната ревизија на НДЦ.


Второ, во ТБУР создадена е основа за анализирање, и еднакво важно, за согледување на активностите за ублажување кко придонес кон остварување на глобалната Агенда 2030 за одржлив развој. Имено, за секоја политика и мерка за ублажување вклучена во сценаријата за ублажување во ТБУР, дадени се и дополнителни информации за нејзините директни и индиректни влијанија врз целите за одржлив развој (СДГ). На тој начин, во фазата на мониторинг, известување и верификација (МРВ), покрај оценката на успешноста преку индикаторите за напредок на политиките и мерките за ублажување, може да се квантифицира и нивниот придонес за исполнување на агендата за одржлив развој на земјата. Покрај тоа, проектирани се и неколку конкретни индикатори за СДГ врз основа на митигациските сценарија од ТБУР, при што се овозможува компаративна проценка на идната состојба во земјата наспроти сегашната состојба во некои држави во регионот и ЕУ. Секако, ова е многу корисна активност која овозможува информирана дебата и согледување каде активностите за ублажување ќе ја одведат македонската економија за една или две децении.


Трето, иако е спроведена уште при подготовката на првичните НДЦ, квантификацијата на придружните придобивки од активностите за ублажување е исто така интегрирана во митигациската анализа во ТБУР, при што се пресметуваат временските серии на работните места што ќе се создаваат со спроведување на политиките и мерките за ублажување. Исто како и погоре, идентификуваниот потенцијал за нови работни места, ќе овозможи промоција на активностите за ублажување. Во оваа насока треба да се спомене Студијата за транспорт (СТУТРА) и Студијата за греењето во Скопје (СТУГРЕС) кои се подготвени при подготовката на СБУР. Втората студија има особено важна улога при спроведување на активностите за ублажување на локално ниво. Родовиот аспект е уште еден социјален аспект кој детално се обработува во ТБУР, и помеѓу другото, вклучува и Акциски план за род и климатски промени и родово сензитивни индикатори со кои се мери влијанието на политиките/активностите врз жените.

И на крајот, четвртиот резултат кој вреди да се спомене е најновиот Инвентар на стакленички гасови, кој далеку ги надминува барањата за земјите кои не се дел од Анекс I и содржи добро воспоставен и функционален систем за обезбедување/контрола на квалитет, прилично амбициозна примена на пософистицирани методи за пресметка на емисиите и покрива поголем број на стакленички и нестакленички гасови. Поради тоа, Инвентарот на стакленички гасови како и солидна база на историски податоци може да се искористи при утврдувањето на претпоставките за предвидување на емисиите, а тоа е основен предулов за информирана ревизија на  македонскиот НДЦ.

Понатаму, на национално ниво, треба да се спомене и дека при ревизијата на НДЦ влезни информации ќе даде и тековниот проект „Закон и Стратегија за климатски промени“, кој е програмиран преку механизмот за финансирање во рамките Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (ИПА II) и треба да подготви Долгорочна стратегија за климатска акција и Закон за климатска акција. Исто така, државата започна со подготовка на Националниот план за енергија и клима (НЕЦП) кој ќе се заснова на проширеното сценарио со дополнителни мерки (e-ВАМ) од ТБУР, или со други зборови, на зеленото сценарио од Стратегијата за енергетика, дополнето со политиките и мерките за секторите индустрија, земјоделство, шумарство и друга употреба на земјиштето и отпад.

На меѓународно ниво, во рамките на Парискиот договор доставена е покана до страните да се направат напорите да се одржи зголемувањето на температурата во светски рамки до 1,5 степени во однос на температурата во прединдустрискиот период. Страните ќе треба да одговорат со значително зајакнати НДЦ. Исто така, државите ја имаат на располагање и меѓународната поддршка за ревизија на НДЦ, како што е поддршката на УНДП преку иницијативата Климатско ветување. Пример за зголемена амбиција дава и Европската Комисија која претстави долгорочна стратешка визија за намалување на емисиите на стакленички гасови, со што покажа како Европа може да предводи на патот за постигнување климатска неутралност и економија со нето нула емисии на стакленички гасови до средината на векот. Амбицијата на ЕУ треба соодветно да се одрази и во придонесите на земјите аспиранти за чќенство во ЕУ.

Понатаму, енергетската транзиција веќе се случува со забрзано темпо - употребата на обновливи извори сè повеќе се зголемува, иако фосилните горива сè уште доминираат, а чистите технологии отвораат многу нови можности и за индустријата и за инвеститорите, иако пазарите на капитал побавно се приспособуваат на новата климатска економија. И сончевата и ветерната енергија стануваат значително поконкурентни. Згора на тоа, опаѓачката побарувачка за нафта предизвикана од пандемијата на корона-вирусот во комбинација со војната околу цената на суровата нафта доведе до пад на индустријата за фосилните горива и во моментов таа е во борба за преживување. Изгледа дека со COVID-19 светот доби животна шанса од корен да го смени енергетскиот сектор.

Дефинитивно, при ревизијта на македонскиот НДЦ максимално ќе се искористат капацитетите, праксата на учество на сите чинители, искуството, алатките и базата на знаење кои се оформени дури и пред изработката на првичните НДЦ, и кои се одржуваа и зајакнаа при изработката на СБУР, Стратегијата за енергетика и ТБУР. Прикажаните случувања на национално и меѓународно ниво отворија можности за поамбициозен придонес во однос на очекувани намалувања на емисиите на стакленички гасови бидејќи може да наметнат цели за целата економија, со политики и мерки и за ублажување за сите сектори кои предизвикуваат емисии на стакленички гасови и кои ги опфаќаат сите стакленички гасови. За секторот енергетика, тие може да се засноваат на најамбициозното сценарио предвидено во Стратегијата за енергетика, а тоа е зеленото сценарио (со големо учество на обновливи извори на енергија и засилена енергетската ефикасност). При поставување на целта може да се користат постоечките сеопфатни инвентари на стакленички гасови кои се изработени врз основа на достапни анализи и информации. Понатаму, ревидираните НДЦ во политиките и мерките може да го вградат и одржливиот развој, со што ќе се покаже синергија меѓу одржливиот развој и ублажувањето на климатските промени. Се добива и можност за квантификација на придонесот на активностите за ублажување кон исполнување на националната агенда за одржлив развој, особено во однос на социјалната димензија преку создавањето на нови работни места при спроведување на политиките и мерките за ублажување. И на крајот, но не и најмалку важно, досегашните резутати за родовиот аспект даваат солидна основа ревидираниот НДЦ не само да ги детектира туку и да го вгради родовите праѓања во дизајнот на политиките и мерките за ублажување.

Секако, јасно е и без да се каже, дека партнерството меѓу науката и носителите на политики, поддржани од сите релевантни чинители, е предуслов за изработка на амбициозни и сеопфатни НДЦ засновани на знаење. Во македонскиот пример, ова партнерство и соработка со чинителите се гради уште од самите почетоци. Нема причина тоа да не биде така и при изработка на ревидираните национални придонеси.


Наташа Марковска, ИЦЕОР-МАНУ

Наташа Марковска е научен советник и професор во Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој на Македонската академија на науките и уметностите (ИЦЕОР-МАНУ). Учествувала во 78 меѓународни и национални проекти поврзани со ублажување на климатските промени, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност и енергетско планирање, поддржани од UNDP, USAID, WB, Европската комисија, GIZ, македонската и други влади.

{{"article.trending"|translate}}

{{"article.lastestPosts"|translate}}

Tags

Newsletter

Subscribe to our newsletter for good news, sent out every month.

{{"successful.subscription"| translate}}

{{subscriber.subscriber.email}}

{{"thank.you.for.subscription"|translate}}

{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}

Account

Error message here!

Show Error message here!

Forgot your password?

Register your new account

Error message here!

Error message here!

Show Error message here!

Error message here!

Error message here!

Error message here!

Lost your password? Please enter your email address. You will receive a link to create a new password.

Error message here!

Back to log-in

Close