Климатските промени во земјоделскиот сектор

Климатските промени во земјоделскиот сектор



Малкумина веруваат дека земјоделството е еден од најзначајните сектори кога се говори за климатските промени и воопшто за животната средина. Овој сектор постојано е маргинализиран, запоставуван, користен за ситни политички и крупни финансиски интереси, се уште нема значајни инвестиции од надвор, домашните мали и големи тајкуни водени од мисковините кои ги поврзуваат со своето детство, ги остваруваат своите детски соништа (и соништата на Васа Ладачки) за стопанисување со значајни земјоделски капацитети. Се додека не се укаже можноста уште еднаш да заработат препродавајќи ги некому.


Покрај големите стопанства тука се уште и 200 илјади мали стопанства, раководени од луѓе кои сакаме да ги задржиме во руралните среди преку разни системи на субвенции, поддршка на производството, на руралниот развој и низа на мерки кои судејќи според продажбата на станови во Скопје и бројот на млади во руралните средини, најверојатни и не успеваат онолку колку што се надеваме. И полека го забораваме значењето на овој сектор. Не, нема да говорам за лебецот наш насушен (плус малку мевце, сиренце, салатка, нешто блачко и по некоја квалитетна голтка) кои се резултат на активностите во секторот. Ќе говорам за животната средина.

Многупати досега сум кажал, напишал и пак ќе повторам: земјоделците управуваат со 50% од земјиштето во РС Македонија, користат 60 до 80% од слатката вода во државата, во нивните штали, кокошарници, трла или современо кажано фарми живеат огромен број на животни, користат илјадници тони на силни и помалку силни токсични материи во вид на пестициди, ѓубре, и останати агро-хемикалии. Згора на се, според истражувањата за структура на земјоделските стопанства, спроведени од  Заводот за статистика во 2016 година, во индивидуалниот сектор се ангажирани само 5,2% на луѓе со било какво образование во земјоделството, а бројот на ангажирани високостручни кадри од областа на земјоделството е само 0,8%. Деловните субјекти ангажираат само 270 високостручни кадри од областа на земјоделството.


Значи грижата за здрава, квалитетна и безбедна храна, како и грижата за животната средина во најголемиот дел на територијата е оставена на еден сектор - земјоделството, во кој струката и компетентноста се најблаго речено потценети. Секој може да се занимава со земјоделско производство, без разлика што резултатите на активностите кои се одвиваат во овој сектор, се секојдневно, (да не кажам најмалку-три-пати-дневно) на нашите трпези. Количината, квалитетот, безбедноста и достапноста на храната се основата од која зависи нашиот опстанок. Згора на тоа од квалитетот на животната средина зависи нашата иднина....

И никој ништо не презема, остави ги земјоделците, тие и онака го работат она што никој не сака да го работи, само нека ни се тргнат од вратот. Колку и како влијаат врз, нашето здравје, , нашата безбедност, нашата благосостојба како и врз нашата животна средина, многу малку и многу ретко некој зборува. Уште помалку некој сето тоа го контролира.

За жал земјоделството не е регулирана струка, не постои обврска за вработување агрономи, за примена на струката, а камо ли за примена на науката. Дали некој се грижи за тоа што јадеме, како е тоа произведено, што се е попатно уништено и деградирано? Па не баш особено,  за тоа нека ја мисли некој друг. Не е тоа некој вирус или не дај боже мозолче на лицето, па одма да се види.

Сепак во еден таков сектор, ентузијазмот не се губи. Особено не во однос на климатските промени и земјоделството. Всушност, на самиот почеток кажав дека ова е најзначајниот сектор по однос на климатските промени. Пред се, поради негативното влијание на варијабилната клима врз земјоделското производство кое во најголемиот дел се одвива надвор, на отворено и во целост е изложено на сите ефекти кои произлегуваат од глобалното затоплување. Покрај тоа, земјоделскиот сектор е значаен причинител на климатските промени преку емисија на стакленички гасови. Впрочем земјоделството е најголем извор на метан, кој има 25 пати поголем потенцијал за загревање на планетата од јаглеродниот диоксид и диазот моноксидот чија моќ на загревање на планетата е дури 298 пати посилна од јаглеродниот диоксид.

Во изминатиов период РС Македонија има поднесено три Национални планови за климатски промени до Конвенцијата за климатски промени на Обединетите Нации (Министерство за животна средина и просторно планирање, финансиски подржано од ГЕФ и имплементирано од УНДП). Во сите овие извештаи, покрај другите, обработен е и земјоделскиот сектор.


Со првиот извештај , се дефинираа основите на истражувањата за ранливост и прилагодување на земјоделскиот сектор. Влијанието на климатските промени врз растителното производство беше разгледувано врз база на ФАО моделот за реакција на приносите според недостигот на вода. Се дефинираа ранливите региони и се рангираа според според степенот на ранливоста, врз база на серија на биофизички индикатори. Од мерките за адаптација, нормално како најповолна се покажа наводнувањето на земјоделските култури, но тоа беше пред се резултат на избраниот модел.

Во вториот национален извештај повторно се примени истиот модел, но направен е напредок кон примена на просторни анализи и модели во ГИС опкружување, така да ранливите региони беа прикажани во просторот и беа применети поголем број на индикатори, но немаше сериозен напредок во моделирањето на ефектите на адаптациските мерки, бидејќи применетиот модел базираше на Либиговото правило на минимум и го моделираше само факторот вода, кој го ограничува обемот на земјоделското производство кај нас. Треба да се истакне дека примената на пософистицирани модели кај нас беше ограничена од нетранспарентноста на податоците потребни за моделирање, која продолжува до денешен ден.

Поради тоа, за подготовка на секторскиот извештај за земјоделството за потребите на Третиот национален извештај се оствари соработка со Заедничкиот Истражувачки Центар на Европската Унија, кои ги ставија на располагање нивните ресурси, односно дневните податоци за сите потребни метеоролошки елементи и моделите кои се применуваат во нивните истражувања. Покрај тоа се направи сериозен обид за градење на капацитетите преку обука за користење на овие алатки. Овој пат се применија најнапредни алатки. Добиените резултати се доста слични со резултатите од првите две национални комуникации, повторно најголем ефект од повеќето истражувани мерки за адаптација има наводнувањето. Овие активности во голема мерка допринесоа кон создавањето на база на знаења за состојбата со климатските промени во климатскиот сектор, допринесоа за појава на други проекти поврзани со климатските промени во земјоделскиот сектор и покачување на свеста дека секторот има потреба од зајакнување на адаптивните капацитети. За жал, капацитетите кои се градеа, полека се губеа, поради состојбите во државата и малиот капацитет за задржување на квалитетните млади кадри во институциите.

Како резултат на овие активности и укажувањата за големата ранливост на земјоделскиот сектор по однос на климатските промени се спроведоа низа на други истражувања, како истражувањата подржани од Светската Банка, а се однесуваа за ранливоста и адаптација на земјоделскиот сектор кон климатски промени  и за Зелен развој, проектот за адаптација кон климатските промени, подржан од УСАИД, во рамките на кои се тестираа и промовираа низа на адаптивни практики во земјоделството. Покрај тоа ФАО го подржа зголемувањето на достапот до агро метеоролошките податоци и формирањето на веб сајтот http://agrometeo.mk/. Кон сето ова треба да се додадат и низа на проектни активности спроведени од повеќе невладини организации кои придонесуваа кон ширењето на информациите за климатските промени.


Во однос на емисиите на стакленички гасови од земјоделскиот сектор и мерките на ублажување се говори многу помалку споредено со ранливоста и прилагодувањето на секторот. А навистина многу се работи. Инвентарот на стакленички гасови од секторот земјоделство е дел од сите три национални планови за лчиматски промени, а веќе се подготвени и два Двогодишни извештаи за климатски промени во кои се пресметуваат емисиите и се предлагаат мерки за ублажување. Овие извештаи се базираат на примена на методи кои ги предлага Меѓувладиниот панел за климатски промени и се значаен извор на информации за влијанието на земјоделството врз климатските промени.

Кога сме веќе тука, треба да се истакне дека земјоделството е најверојатно единствениот сектор кој многу лесно може да ги намали емисиите, па дури и да прерасне во многу значаен понор на стакленички гасови. Зелените клетки го зафаќа јаглеродниот диоксид од атмосферата и го редистрибуира во надземната и подземната биомаса. Она што беше во воздухот, сега е во биомасата. Надземната биомаса во еден дел се користи, но значаен дел од неа може да се искористи како обновлив извор на енергија. Подземната маса, останува во почвата и под дејство на низа на процеси се трансформира и ја зголемува содржината на органска материја во почвата и позитивно влијае врз плодноста и здравјето на почвите. Токму овој капацитет на почвата да го задржи јаглеродниот диоксид како органска материја на подолг рок е еден од најголемите потенцијали за претворање на земјоделскиот сектор во понор на стакленички гасови.

За жал овој потенцијал многу малку го користиме, и наместо зголемување, кај нас е забележан процесот на намалување на содржината на органската материја во почвите.

Доколку помисливте дека тоа е се, верувајте дека не сте во право. Во моментов завршуваат активностите за подготовка на Третиот двогодишен извештај за климатски промени и наскоро истиот ќе биде јавно достапен. Истовремено започнуваат активностите за изработка на секторскиот извештај за ранливост и прилагодување на земјоделскиот сектор кон климатските промени за потребите на изработката на Четвртиот национален план за климатски промени. Овојпат пристапот кон градењето на капацитетите потполно се менува. Изработката на анализите и извештаите за секторите земјоделство, користење на земјиштето и шумарство за прв пат се институционализираше и активностите ги превзема конзорциум составен од Земјоделскиот институт, Факултетот за земјоделски науки и храна и Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, сите единици на Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје. Кон експертскиот тим, на секоја позиција е приклучен и помлад научноистражувачки кадар, со цел да се обезбеди одржливоста на овие активности.

Покрај тоа, се смени и пристапот кон секторските анализи, следејќи ги трендовите на интегрален пристап во истражувањата. Според стандардите на Меѓувладиниот панел за климатски промени истражувањата се одвиваат за севкупниот сектор на земјоделство, шумарство и останати типови на користење на земјиштето. Полека се премостуваат дел од најголемите пречки за истражувања во овој сектор, а тоа е недостигот на податоци преку изнаоѓање на алтернативни извори на податоци или генерирање на податоци преку далечински истражувања. Така податоците за промените во користењето на земјиштето се добиваат преку анализа на сателитски снимки и полека се гради базата на податоци која треба да го покрие целиот изминат период. Недостапноста на податоци, што до сега беше најголема пречка не само за изработка на досега споменатите национални документи, туку воопшто за развој на научните истражувања во областа на климатските промени  и земјоделството, се преземаат од јавно достапните континентални и глобални бази на метеоролошки податоци, како што се базата на Заедничкиот Истражувачки Центар на Европската комисија (JRC) и базата на Европскиот центар за среднорочни временски прогнози (ECMWF).

Со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање и канцеларијата на УНДП во Скопје се изработија анализи на екстремните временски услови од страна на еминентни странски експерти, кои понатаму ќе се користат при анализа на ограничувачките фактори во земјоделското производство. Се надевам дека сето ова конечно ќе резултира со сознанија кои ни се неопходни за добивање на вистинската слика за ефектот на климатските промени. Постојано го истакнував фактот дека анализите базирани на месечни просеци не обезбедуваат доволно информации. Штетите од измрзнување се јавуваат само за неколку часа на ниска температура, штетите од град се јавуваат во само неколку минути, за поројните поплави да предизвикаат штети потребни се само неколку часа, намалувањето на приносите од топлотни бранови и суша, се јавуваат во една до две недели на екстремно високи температури без врнежи. Сето ова до сега не можевме да го видиме, се надевам дека овој пат ќе успееме.

Покрај другото, се работи на интензивирање на мулти-дисциплинарниот пристап. До сега земјоделскиот сектор беше анализиран во тесна врска со секторот води, но вклучувањето и на енергетскиот сектор во овие анализи би бил уште еден чекор кон постигнување на нексусот „Храна – Вода – Енергија“, кој е еден од позначајните во Европската Унија, а би имал особено значење кај нас, бидејќи интеракцијата помеѓу овие сектори е многу значајна за развојот на економијата и заштитат на животната средина.

На крајот да се обидам накратко да резимирам, иако земјоделскиот сектор е маргинализиран, сепак до сега е многу направено за осознавање на ефектите и интеракцијата на овој сектор и климатските промени, а во моментов се преземаат сериозни активност кон институционализирање, воспоставување на сет на индикатори од трајна вредност, градење на капацитетите и развој на потребните бази на податоци кои се од значење за подобрување на анализите и научно-истражувачката дејност во оваа област.

Сепак, основното прашање е колку сето ова има влијание во секторот. Доколку не се преземат сериозни исчекори кон имплементација на препораките кои произлегуваат од направените анализи најверојатно повторно ќе имаме само уште еден пишан документ.

Длабоко верувам дека не е премногу мачно дарот со кои не благословија Св. Кирил и Методиј, тие прекрасни слова со кои на хартија го ставаме она што го глаголиме, да се преточат во акција. Пред се неопходно е враќањето на значењето на струката во секторот, поврзување на земјоделските површини и стадата на домашни животни со неопходната експертиза, воспоставување на центар за иновации и трансфер на технологии кој би ги развивал и промовирал нови и адаптирал постоечки климатски прифатливи технологии, воведување на мерките за ублажување и адаптација во системот на поддршка на земјоделското производство со што ќе се овозможи нивна промоција и помасовно прифаќање од земјоделските производители и уште еден грст на слични активности.

Убеден сум дека знаењето, вештините и иновативноста во решавање на проблемите се единствениот исправен пристап. Доколку сето тоа базира на податоци, научно дефинирани индикатори и сите чинители искажат волја и спремност за активно вклучување во процесот на покачување на капацитетите на земјоделскиот сектор во справувањето со климатските промени, очекувам дека резултатите нема да изостанат.

 Треба да ја искористиме можноста која ни ја отвара новата Заедничка земјоделска политика на Европската Унија која меѓу другото акцентот го става на климатските промени и младите земјоделци. А токму младите се делот на популацијата кој е најдобро информиран и најангажиран околу потребата за преземање на климатски акции. Сега е вистинското време да се воспостават политики со кои младите кадри, кои имаат знаења и вештини за земјоделското производство, стекнати низ формалните системи на образование, да се спојат со земјоделското земјиште, со средствата за земјоделско производство и со изворите на финансии потребни за започнување на сопствен бизнис во секторот.

Верувајте, не им недостасуваат идеи,  не им недостасува енергија, свесни се за потребата од квалитетна и безбедна храна, знаат како да произведуваат без притоа да ја деградираат животната средина, умеат да се справат со предизвикот на климатските промени во земјоделското производство. Можеби токму младите стручни кадри можат да изнедрат нови идеи со кои она што денес го гледаме како негативност ќе се претвори во предност за земјоделскиот сектор (не смее да заборавиме дека зголемената концентрација на јаглероден диоксид е значаен потенцијал за интензификација на продукцијата на биомаса).

Во моментов никој не ги сака. Не им требаат на големите земјоделски компании (умеат тие чичковци сами, не им требаат стручни кадри), а малите земјоделски стопанства едноставно немаат капацитети да ги вработат. Немаме многу време за да го најдеме начинот на кој ќе им ги отвориме портите за влез во секторот за кој ја поседуваат потребната експертиза. Ако не ја најдеме нивната улога во секторот од кого да очекуваме да се справи со климатските промени?


Проф. Ордан Чукалиев

Проф. Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна е експерт со 30 годишо искуство, објавено над 100 публикации, со особен придонес во теми како климатски промени и нивното влијание врз земјоделство, заштита на водите и почвата, техники на наводнување и други.

{{"article.trending"|translate}}

{{"article.lastestPosts"|translate}}

Tags

Newsletter

Subscribe to our newsletter for good news, sent out every month.

{{"successful.subscription"| translate}}

{{subscriber.subscriber.email}}

{{"thank.you.for.subscription"|translate}}

{{'subscribe.for.newsletter'|translate}}

Account

Error message here!

Show Error message here!

Forgot your password?

Register your new account

Error message here!

Error message here!

Show Error message here!

Error message here!

Error message here!

Error message here!

Lost your password? Please enter your email address. You will receive a link to create a new password.

Error message here!

Back to log-in

Close